Работнички ќе мора да го „преплива“ Вардар ако сака да го задржи прволигашкиот статус

Работнички во пресрет на градското дерби со Вардар е во серија од четири последователни порази во македонскиот шампионат. На „романтичарите“ не им се пишува добро ако денес не издвојат позитивен резултат против градскиот ривал. Нов пораз на тимот кој го води Баже Лазаревски ќе ги стави во неповолна позиција во завршницата од првенството бидејќи засега стојат над црвената зона за испаѓање само со два бода предност на табелата.

Вардар, пак, ќе се обиде да се врати на победнички патеки по двете ремија со Шкупи и Беласица. Црвено-црните иако нема за што да се борат поради тоа што Шкендија веќе математички ја обезбеди титулата, триумф во градското дерби секогаш носи посебна радост. Во улога на гости, на градскиот стадион во Скопје, Вардар ќе се обиде да запише втора победа во низа против Работнички, откако тоа го стори пред повеќе од еден месец со конечните 2-0.

Во претходните седум меѓусебни средби редовно се издвојувал победник во градското дерби, а Работнички има една победа повеќе од ривалот. Интересно е што во последните четири дуели победувале гостите, Вардар на двапати се радуваше со идентични 2-0, додека Работнички во два наврати славеше со минимални 1-0, а тоа се дуелите кои се одиграа сезонава во првиот и вториот дел од првенството.

Градското дерби на Националната арена „Тоше Проески“ е закажано во 16:30 часот, додека во тој термин започнуваат и останатите четири средби од 33-тото коло во ПМФЛ.

Староновиот шампион Шкендија го пречекува Силекс, Академија Пандев ќе биде домаќин на Победа, Ренова гостува кај Беласица, Македонија ЃП ќе ги одмери силите со Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести