Работнички направи чудо против Пелистер и првпат победи во 2022 година!

Кошаркарите на Работнички конечно победија, и тоа во меч на кој беа аутсајдери. На домашен терен работнички беше подобар од лидерот на првенствената табела, тимот на Пелистер и победи со 95:89, во меч од 19-тото коло. Со овој триумф, Работнички ги задржа шансите да се бори за шестото место на табелата кое води во Суперлигата.

Иако делува неверојатно, Работнички постојано имаше водство. Домаќините отворија со 10:4, а по првата четвртина беше 19:19. Во втората четвртина, Работнички константно имаше водство, кое најмногу беше девет разлика (34:25). Добрата игра на тимот предводен од Игор Михајловски ја продолжија и во третиот квартал кога водеа и со 63:51.

Во последната четвртина, Пелистер се обиде да направи пресврт. Битолчани дури стигнаа и до водство од 77:75, но во финишот Работнички беше подобар и на крајот заслужено триумфираше.

За Работнички ова е прекин на низата од осум порази (седум во првенството и еден во Купот) и прва победа по пауза точно од четири месеци. Пелистер го претрпе само вториот пораз во 19 меч сезонава во домашното првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести