Работнички и ТФТ Скопје вечерва од 20:30 часот ќе го играат третиот меч од полуфиналето во плејофот на кошаркарската лига. ТФТ има предност од 2:0 во победи, благодарение на триумфите пред своите навивачи во СРЦ „Кале“, а сега серијата се сели на теренот на Работнички.
На денешниот меч нема да биде дозволен влез на гостински навивачи, што значи дека само Работнички ќе има поддршка од трибините. Работнички е под притисок дека мора да победи, затоа што ако тимот од Градски парк доживее уште еден неуспех, тоа ќе значи и крај за нов сезонава.
ТФТ има четири победи по ред во дуелите со Работнички, но интересно е дека пред да започне оваа нивна низа, тимот кој доминираше беше Работнички со пет победи во низа. Тоа само потврдува дека се работи за моментална инспирација и екипи со сличен квалитет.
Актуелниот бранител на кошаркарскиот трон, тимот на МЗТ Скопје Аеродром е првиот финалист во плејофот, откако синоќа славеше убедливо на гости кај Куманово и со чисти 3:0 во победи обезбеди место во уште едно финале.