Работнички не прифати промена на терминот, вечното дерби наместо во Аеродром, ќе се игра во Кисела Вода

Најголемото кошаркарско дерби во Македонија, популарното вечно дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се игра в четврток, но наместо во СЦ „Јане Сандански“, ќе се игра во Кисела Вода, и тоа во салата „Независна Македонија“, откако пропаднаа обидите да се дојде до промена на терминот.

Салата во СЦ „Јане Сандански“ е зафатена бидејќи во неа се игра Европско првенство во пинг-понг, а управата на МЗТ Скопје преку соопштение објави дека се обидела да издејствува промена на терминот и дуелот да се игра подоцна во Аеродром со цел да може навивачите на двата тима да присуствуваат на трибините.

Во прилог ви го презентираме соопштението на МЗТ Скопје во целост:

„Немавме намера да го пишуваме ова соопштение, но сепак како најголем и најтрофеен кошаркарски спортски колектив во Македонија почувствувавме доза одговорност кон сите оние кои нè следат, било тоа да е на нашите натпревари, било да е преку социјалните мрежи, и тоа на крајот на денот сеедно на кој табор припаѓаат.

Претпоставувате дека темата ќе биде вечното дерби помеѓу нашата и екипата на КК Работнички, но ќе се потрудиме ова да не прерасне во војна со соопштенија, туку единствено да ги пренесеме нашето гледиште и ставот за којшто веруваме дека е исправен.
Велат дека сликата зборува повеќе од 1.000 зборови и затоа се решивме во прилог да објавиме неколку, чисто како би замениле тирада од оправданија, објаснувања и препукувања кои суптилно се провлекуваат низ минатиот период.

Како и во поголемиот дел од случаите кога се работело за слична проблематика, фактите се на сино-белата страна на градот, а како на теренот така и тука би сакале да поентираме единствено преку неколку реченици:

– Беше понудена опција за замена на датумите за да може дербито да се игра пред домашни, но и со присуство на гостински навивачи, но отоа беше одбиено.
– Како и секогаш, настојувавме да најдеме решение во интерес на кошарката, но и за навивачите на двете екипи, но на нашите повици не беше одговорено.
– На Кале тие се домаќини, а формално ние сме сега домаќини и не би сакале нашето домаќинство да биде на теренот на ривалот.

– Како клуб со традиција, никогаш не сме се криеле и јавно, јасно и транспарентно сме ги носеле одлуките кои биле согласно спортскиот, но исто така и интересот на нашите навивачи и симпатизери, така што одлуката да се игра во Кисела Вода беше донесена врз основа на неодговорените и негативните пораки до управата на КК Работнички за изнаоѓање решение кое би било и во нивен интерес.

Затоа сите т.н. навивачи на КК Работнички би требало одговорите на прашањата, како и својот дигитален бес да го насочат единствено кон нивната управа. Дали тој бес ќе прерасне во нов јавен стриптиз и чувството на нелагодност од паркетот ќе се префрли и во канцеларијата на нашите противници, нас воопшто не нè интересира.

Сепак, добро е да се знае дека и покрај сите непријатности со коишто се соочивме при организацијата на дербито, отворени сме за повик од другата страна.
Во четврток нека победи подобриот, нека победи МЗТ Скопје!“, пишува во соопштението на МЗТ Скопје.

- Оглас -

Најнови вести