Екипата на Работнички со 2:1 славеше на гостувањето во Куманово кај Башкими, во меч од 23-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија. За Романтичарите ова е четврта победа во последните пет кола и покажуваат дека не се предаваат во трката за спас од испаѓање. Работнички сега има 19 бода, уште е на претпоследното 11-то место на табелата, но полека се доближува до позициите кои може да донесат спас.
Уште во 11-тата минута Работнички поведе во Куманово. Муарем погоди за 1:0 за гостите, а во 73-тата минута Талаков зголеми на 2:0 потврдувајќи дека гостите се дојдени да ги освојат трите бода. Башкими намали на 1:2 кога Аворнјо погоди во 79-тата минута, но домаќините немаа шанси да се спасат од пораз, па кумановци останаа на 32 бода и се сигурни на шестото место на табелата.
Во вториот меч кој се играше попладнево, во Кратово, Силекс и Пелистер ремизираа без погодоци. Силекс со 40 бода е сигурен на четвртото место на табелата, додека Пелистер сега има 22 бода и е на дсеттото место, кое не гарантира спас во Првата лига.

