Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички, вечерва (20.30 ч.) по шестгодишна пауза, повторно ќе игра во европските купови. Тимот од Градски парк во СРЦ „Кале“ ќе игра во квалификациите за пласман во Еврокупот на ФИБА, а прв противник му е романскиот тим Рапид Букурешт.
Во квалификациската група која ќе се игра во Скопје се уште и екипите на Донар Гронинген (Холандија) и Сабах (Азербејџан), чиј тренер е Боби Митев, а пласман во групната фаза ќе обезбеди само првопласираната екипа.
Квотите за дуелот со романскиот Рапид покажуваат дека Работнички е благ фаворит (1.87).
Работнички утре ќе игра против Сабах, а во последното коло, кое е закажано за в четврток, противник на тимот од Градски парк ќе биде Донар Гронинген.
Последното учество на Работнички на европска сцена беше во 2017 година, исто така во квалификациите за ФИБА-Еврокупот, кога двапати загуби од рускиот тим Перм (95:73,88:63).
Покрај Работнички, во квалификациите за ФИБА Еврокупот ќе настапи и Феникс 2010, за кого ова ќе биде прво европско искуство. Феникс 2010 квалификациите ќе ги игра во Кипар, а дебито ќе му биде утревечер, против домашниот тим Керавнос. Третиот тим во групата Е е германски Росток.