За жал денешните пет натпревари од Првата македонска фудбалска лига минаа во знак на срамниот однос на навивачката група на Шкендија која пееше и свиреше додека траеше едноминутен молк кој го почитуваа само фудбалерите, официјалните лица и друг дел од публиката.
Шкендија со два гола на Бесарт Ибраими ја победи струмичка Брера, а лидерот на прволигашката табела сега сигурно ќе биде казнет за примитивниот однос на неговите поддржувачи кои немаа почит кон мртвите кои настрадаа во Кочани.
Ремито на Силекс со Тиквеш го искористи Работнички кој со победа од пенал се доближи на бод до второпласираните кратовци. Тимот од Дебар Маало се појави со дрес на Андреј Лазаров, фудбалерот кој го загуби животот во Кочани, а во минатото го носеше дресот на Романтичарите.
Воска го совлада Гостивар на стадионот во скопско Маџари и со трите бода го напушти дното на табелата.
РЕЗУЛТАТИ ОД 25-ТОТО КОЛО: Пелистер – Вардар 1-3, Гостивар – Воска спорт 0-2, Работнички – Беса 1976 1-0, Шкендија – Брера Струмица 2-1, Силекс – Тиквеш 1-1, Струга Трим Лум – Шкупи 0-0.
ТАБЕЛА: Шкендија 53 бодови, Силекс 49, Работнички 48, Гостивар 44, Струга 39, Шкупи 32, Пелистер 29, Вардар 25, Тиквеш и Воска по 22, Брера и Беса по 21.