Вториот најтрофеен клуб во македонската кошарка, Работнички, очајно започна во новата сезона од Прва лига. На отворањето на сезоната, Работнички играше дома, но загуби убедливо со 75:115 од Пелистер.
За Работнички ова е еден од најтешките порази на свој терен, а Пелистер уште од почетокот покажа дека нема да има милост, па по првата четвртина гостите од Битола постигнаа повеќе од двојно поени од противникот и водеа со 27:13.
Единствено во втората четвртина Работнички покажа рамноправност, па на полувреме домаќинот замина со пристојна негатива од 12 поени (40:52). Сепак, во второто полувреме Пелистер заигра многу подобро, па разликата постојано се зголемуваше. По три четвртини Пелистер водеше со 33 разлика (89:56), а на крајот од средбата разликата беше точно 40 поени во корист на битолчани.