Работнички прв го победи Чаир, ТФТ останува единствена непоразена екипа

Екипата на Работнички го најде „лекот“ за досегашниот лидер, Чаир, и му го нанесе првиот пораз оваа сезона, откако го победи со убедливи 86-63. Кошаркарите од „Градски парк“ на противникот му дозволија да доминира само во првата четвртина, а потоа ги доби наредните три.

Чаир имаше водство од пет поени разлика на првата мини пауза, но Работнички на полувремето замина со водство од 43-34. Во второто полувреме, предноста на домашните постојано се зголемуваше се до конечните +23 за Работнички.

Откако Чаир загуби, ТФТ останува единствената непоразена екипа после четири кола во Првата кошаркарска лига на Македонија. Новиот лидер на табелата забележа убедлива победа над Феникс на гостински терен со 63-80. Екипата од скопската населба Тафталиџе победата ја најави уште во првото полувреме, после кое имаше предност од 35-49, па после малото опуштање во третиот период, победата ја потврди со убедлива игра во последната четвртина.

На табелата прв е ТФТ со максимални четири победи, а потоа следуваат четири екипи со по три победи и еден пораз, МЗТ Скопје, Чаир, Работнички и Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести