15.8 C
Skopje
четврток, 23 октомври 2025

Рафа Бенитес го презема кормилото на Панатинаикос

Шпанскиот стратег Рафаел Бенитес пристигна во Атина заедно со својот стручен штаб за да ги финализира последните детали околу договорот со Панатинаикос. Официјалното претставување е закажано за сабота, еден ден пред натпреварот против Астерас Триполис во грчката Суперлига.

За Бенитес ова ќе биде 17-ти ангажман во неговата богата тренерска кариера, и прв по пауза од речиси две години. 65-годишниот тренер е без работа од 12 март 2024 година, кога беше отпуштен од Селта Виго.
Според грчките медиуми, тој ќе потпише договор на две години, со што ќе стане еден од најплатените тренери во историјата на грчкиот фудбал.

Како што откриваат извори блиски до клубот, Бенитес кажал конечно „да“ по лична средба со претседателот на Панатинаикос, Јанис Алафузос, која се одржала минатата недела во Лондон.

Шпанецот ќе заработува 4 милиони евра по сезона, сума што претставува апсолутен рекорд во грчкото првенство.

Панатинаикос во моментов се наоѓа на седмото место на табелата во Суперлигата, со осум бода заостанување зад лидерот ПАОК. Тимот од Атина нема освоено шампионска титула уште од 2010 година, а управата се надева дека токму Бенитес ќе ја врати славата на клубот и ќе го врати Панатинаикос меѓу најдобрите во Грција и Европа.

- Оглас -

Најнови вести