Победникот на „Ролан Гарос“, Рафаел Надал, ќе се обиде да слави и на Вимблдон на тревната подлога која не му е омилена, но ако ништо друго, патот барем до полуфиналето му е отворен.
Во осмина-финалето, Надал треба да игра со Португалецот Жоао Соуса, кој е 69-ти на АТП листата, а ако го совлада и по трети пат во третиот меѓусебен дуел, му следува четврт-финале против Сем Квери (65-ти) или Тенис Сандрен (94-ти), кои истотака не се меѓу 32-цата носители на легендарниот гренд-слем турнир во Лондон.
Кога се направи ждрепката, Надал мислеше дека во трето коло ќе игра со Шаповалов, во осмина-финалето со Чилиќ, а во четврт-финалето со Тим, но поразите на овие тројца носители, барем на хартија му ја олеснуваат работата на Рафа. Сепак, потенцијално полуфинале со Роџер Федерер и финале со Новак Ѓоковиќ, покажуваат дека Надал ќе треба добро да се помачи, дури и да се надмине себеси, ако сака по трети пат да го освои Вимблдон.
Денеска е слободен ден, а утре на терените треба да се појават сите 16 тенисери кои останаа во игра за трофејот во машка конкуренција.