Шпанскиот тенисер Рафаел Надал објави дека ќе настапи на турнирот во Бризбејн во првите денови од новата година.
На Надал тоа ќе му биде генерална проба пред првиот гренслем во годината, Отвореното првенство на Австралија. Турнирот во австралискиот град Бризбејн почнува на 31 декември и завршува на 7 јануари. Надал нема играно уште од 18-ти јануари годинава, кога во второто коло на Отвореното првенство на Австралија беше елиминиран од Мекензи Мекдоналд.
„Мислам дека не заслужив ваков крај. Во целата спортска кариера работев напорно и немам намера крајот да ми биде на прес-конференција. Работам напорно за кариерата да ја завршам како што треба, на терен. По цела година надвор од натпреварите, време е да се вратам. Ќе играм во Бризбејн во првата недела од јануари. Се гледаме таму“, порача 37-годишниот Надал, кој во моментов е 663-ти на АТП-листата.
Повредите го запреа Надал низ последните години и најави завршување на кариерата следната година, веројатно по Олимписките игри кои се играат во Париз, на терените на „Ролан Гарос“, каде што тој се прослави како тениски крал на земјените терени.
https://twitter.com/i/status/1730557525097885909