Бразилецот Рафиња, кој има феноменална сезона во Барселона и важи за еден од главните фаворити за Златната топка за 2025 година, откри дека пред неколку години бил блиску до играње за репрезентацијата на Италија.
Рафиња во 2020 година беше играч на Лидс и мали му беа шансите да добие повик од бразилскиот селектор, па Италијанците се обиделе да го искористат тоа нудејќи му да игра за нивната земја како што тоа го направија и други Бразилци, како Жоржињо, Емерсон Палмиери и Рафаел Толои, кои се закитија со европска титула во 2021 година.
„Бев блиску до прифаќање на повикот во италијанската репрезентација, ми се јавуваа и Жоржињо и од Федерацијата. Имаа одличен проект кој ми го привлече вниманието. Требаше да одам на Европското првенство, кое го освоија во 2021 година. Практично бев подготвен за тоа иако длабоко во себе уште имав мала надеж дека можам да го носам дресот на Бразил. За среќа, мојот италијански пасош не пристигна навреме“, откри Рафиња, чиј татко има потекло од Италија, па затоа и Бразилецот имал шанса да заигра за Аѕурите.
Рафиња сега има италијански пасош, но го користи само за да не држи место на неевропски играч во Барселона, шансата да заигра за репрезентацијата на Италија отиде во неврат.