Рафиња ја откри животната приказна пред Ел Класико: Малку недостигаше да станам криминалец

Бразилскиот репрезентативец Рафиња оваа сезона игра во фантастична форма за Барселона, и покрај елиминацијата на клубот од Лигата на шампионите, се смета за еден од водечките кандидати за „Златната топка“. Пред денешното Ел Класико, дербито за титулата против Реал Мадрид, офанзивецот реши да ја сподели својата животна приказна и да открие кој му помогнал најмногу да се прилагоди во Барселона.

Рафиња минатото лето беше блиску до заминување, но дојде до пресврт кога Ханси Флик го презеде тимот. Под водство на германскиот стратег, Бразилецот се етаблираше како клучна фигура во нападот на Барселона и моментално се наоѓа во животна форма.

Во интервју за шпанските медиуми, Рафиња искрено проговори за своето тешко детство во Бразил, опкружен со сиромаштија и опасностите од уличниот живот.

„Повеќето луѓе во Бразил живеат во сиромаштија. И јас пораснав во фавелите. Едно време бев вклучен во криминални активности, но имав силна желба да излезам од тој свет. Благодарение на моите родители, кои ми овозможија образование и поддршка, успеав да останам на вистинскиот пат“, откри Рафиња.

Тој се присети и на моментите кога немал доволно средства за да оди на тренинг:

„Игравме само фудбал. Некогаш немав пари за автобус, па со пријателите собиравме пари на улица. Понекогаш успевавме, понекогаш не. Тоа беше тежок период, но што е животот без предизвици?“, вели тој.

Бразилецот истакна дека ужива во животот во Барселона, а посебно ја издвои поддршката што ја добил од соиграчите и стручниот штаб, кои му помогнале полесно да се адаптира и на теренот и надвор од него. Тој откри и дека многу совети добил од Нејмар.

- Оглас -

Најнови вести