3.8 C
Skopje
понеделник, 22 декември 2025

Рафиња ја заврши кариерата само на 32 години

Рафаел Алкантара, познат како Рафиња, го објави своето повлекување од професионалниот фудбал на 32-годишна возраст.

Бразилецот, кој е син на Мазињо и брат на Тијаго Алкантара, беше производ на младинската академија на Барселона, а последен клуб му беше Ал-Араби од Катар, којшто го напушти во летото 2024 година и оттогаш беше без клуб.

Играчот од средниот ред беше дел од тимот на Барселона кој ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2014/15. Тој исто така играше за Селта Виго и Реал Сосиедад во Ла Лига, а си ја испроба среќата и во ПСЖ и во Интер. Беше младински репрезентативец на Шпанија, а потоа како сениор заигра за Бразил, со кого ги освои Олимписките игри во 2016 година.

Помладиот од браќата Алкантара претрпе 21 повреда во текот на кариерата, што го спречи да направи уште подобра кариера.

Со 358 натпревари и 16 титули зад себе, Рафиња реши да стави крај на кариерата многу порано отколку што сакал.

„Донесов одлука да се пензионирам. Пред малку повеќе од една година, доживеав повреда на коленото, која, за жал, ме спречува да се вратам и да се натпреварувам на највисоко ниво. Тешко ми беше да прифатам дека не можам да продолжам. Благодарен сум на моето семејство што секогаш беше тука и на сите други за љубовта и поддршката. Благодарам фудбалу што ме направи тоа што сум. Збогум“, напиша Рафиња.

- Оглас -

Најнови вести