Бразилецот Рафиња лани имаше феноменална сезона, но во летото 2024 година беше меѓу играчите кои Барселона очајно сакаше да ги продаде. Репрезентативецот на Бразил призна дека размислувал да го напушти клубот поради психолошки проблеми.
Откако пристигна од Лидс во 2022 година, Рафиња имаше две незадоволителни сезони на „Камп ноу“. Во летото 2024 година, Каталонците се најдоа во спортски и финансиски хаос, а крилниот напаѓач беше меѓу играчите кои клубот сакаше да ги продаде. Сепак, повикот од тренерот Ханси Флик променил сѐ.
„Размислував да ја напуштам Барселона по Копа Америка 2024“, изјави Рафинња. „Не се чувствував психички добро сè додека не ми се јави Флик. Секој ден имаше гласини за мене и за различни клубови. Работите не одеа како што треба, сезоната ми беше послаба од очекуваното, а луѓето постојано ме прашуваа дали ќе си заминам, додека медиумите секојдневно пишуваа за можен трансфер. Сериозно размислував да си одам“, открива Бразилецот.
Во април се појавија информации дека Ал-Хилал подготвува импресивна понуда од 100 милиони евра и четиригодишен договор вреден 170 милиони евра. Тогаш Рафиња призна дека би ја прифатил понудата.
Сега, во интервју за ЕСПН, 28-годишниот фудбалер изјави дека прифаќањето на понудата од Саудиска Арабија ќе му го променела животот.
„Играм фудбал од 15 години, поминав низ добри и лоши моменти, па дојде моментот да размислам за себе и за моето семејство. Понудата од Саудиска Арабија навистина ме искушуваше. Таа ќе го решеше не само мојот живот, туку и животот на моите родители, мојот син, на многу луѓе. Очигледно размислувавме за заминување од Барселона. Мислев дека можеби е време да си одам, но по разговорите со Флик, прво по телефон, а потоа и на почетокот на подготовките, тој успеа да ме убеди да останам. Драго ми е што го направи тоа“, истакнува Рафиња.