Барселона се уште не успева да ги регистрира Дани Олмо и Виктор Пау, иако и двајцата отпатуваа со екипата за Саудиска Арабија, каде треба да настапат во Супер купот на Шпанија. Според информациите, Барселона се надева дека ќе успее да добие дозвола за настап на двајцата фудбалери за евентуалното финале против Реал Мадрид.
За оваа ситуација со која се најдоа двајцата фудбалери на Барселона за шпанските медиуми зборуваше нивниот соиграч, Рафиња.
„Ова е прилично комплицирана ситуација. Играчите никогаш не сакаат да поминуваат низ вакви моменти. Не знаеме дали можеме да сметаме на нив или не. Се надеваме дека ситуацијата че биде решена набрзо. Оваа ситуација ќе има големо влијание на идните трансфери. Нема да ве лажам. Да бев во друг клуб и ја гледам ситуацијата на Пау и Дани, добро би размислил дали ќе потпишам за овој клуб. Мора да се надеваме дека ова брзо ќе заврши, но мораме да чекаме. Се обидуваме да останеме фокусирани и да ја работиме нашата работа.“ – вели Рафиња.
Барселона во среда го игра полуфиналето од Супер купот на Шпанија против Атлетик Билбао, додека другата двојка ја сочинуваат Реал Мадрид и Мајорка.