Рајан Бабел се врати во Премиер лигата, потпиша за Фулам

Рајан Бабел по седум и пол години, повторно ќе игра во Премиер лигата. Искусниот Холанѓанец потпиша за Фулам, каде што до крајот на сезоната ќе игра како позајмен играч од Бешикташ, а екипата која ја предводи Клаудио Раниери исплати два милиони евра за неговите услуги.

Бешикташ мораше да се ослободи од Бабел и неговата сезонска плата која изнесува три милиони евра, која до крајот на шампионатот ќе ја исплаќа Фулам. Турскиот првак е во финансиски проблеми и не може да ги покрие трошоците, поради тие причини пред извесно време и Пепе спогодбено ја раскина соработката со турскиот гигант.

„Дефинитивно верувам во опстанок и сметам дека Фулам може да ја оствари таа цел. Токму затоа и дојдов тука, го прифатив предизвикот да ѝ помогнам на оваа екипа да остане во елитата“, истакна Бабел во првото интервју за новиот клуб.

Бабел во периодот од 2007 година до 2011 година го носеше дресот на Ливерпул, за „црвените“ настапи вкупно на 146 натпревари, на кои постигна 22 гола и 18 асистенции.

Триесет и двегодишниот офанзивец ќе може да дебитира за Фулам веќе во недела, кога на домашен терен ќе го пречекаат Тотенхем во рамките од 23-тото коло во Премиер лигата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести