Прославениот хрватски ас Иван Ракитиќ е нов фудбалер на Хајдук. Тој потпиша договор на една година со можност за продолжување на уште една година, а предмалку и официјално беше претставен на прес-конференција во „Белиот салон“ на стадион „Пољуд“.
„Сакам да им се заблагодарам на сите што дојдоа да ме поздрават. Му благодарам на претседателот, директорот и навивачите, посебно на мојата сопруга која ме поддржа во оваа одлука, и на мојот кум Кети, кои имаа огромна улога во сето ова. Да ми кажеше некој пред два-три месеца дека ќе седам тука, ќе му се насмеаев. Среќен сум и горд што можам да му вратам на хрватскиот фудбал за сето што тој ми го даде. Се отвори можност да дојдам во Хајдук и тоа беше единствената опција. Среќен сум што ќе уживам тука и едвај чекам да се приклучам на тимот, да ги почувствувам овие навивачи и што побрзо да започнеме. Се слушнавме со Гатузо. Тренерот е газда, тој знае што треба да правиме. Јас ќе помогнам како било, дури и ако треба како десен бек. Тука сум да помогнам и да ја повлечам целата екипа, нема никакви проблеми во врска со тоа. Важно е да се запознаеме, да се почувствуваме и тогаш сè ќе дојде само по себе“, изјави Иван Ракитиќ.
Новиот спортски директор Никола Калиниќ беше соиграч на Ракитиќ во националниот тим.
„Вовед не е потребен. Ова е еден од најголемите трансфери во историјата на Хајдук и Хрватска. Играше во големи клубови, освојуваше титули, а ова му е најголемиот клуб во кариерата. Тоа брзо ќе го потврди. Сакам ова што побрзо да заврши, бидејќи во четврток ни е првиот натпревар и сакаме да ја започнеме сезоната како што треба“, изјави Никола Калиниќ.
Илјадници фанови на Хајдук Сплит дојдоа да го поздрават Иван Ракитиќ. Во градот и во цела Далмација владее невидена фудбалска грозница.