Леванте е пред испаѓање од шпанската Примера, и ваквата ситуација во која е тимот, најтешко му паѓа на капитенот и легенда на клубот, Хозе Луис Моралес, кој после секој пораз, не може да ги запре солзите.
Да биде маката уште поголема за него, Моралес вчера против Севилја при 1-2, утна пенал. На крај Севилја триумфираше со 3-2, и Леванте има заостанување од шест бода во однос на Кадис кој има опстанок во моментов, а до крајот на сезонава останаа само уште пет кола и може да се освојат максимум 15 бода.
Фановите низ светот се воодушевени од Хрватот Иван Ракитиќ кој на терен го тешеше Моралес, а се обрати и преку социјалните мрежи: „Главата горе пријателе. Ти си воин. Биди силен, те прегрнувам“.
И од неговиот сакан Леванте го поддржаа популарниот Ел Команданте.
„Хероите доаѓаат и си одат, но легендите остануваат засекогаш“ – порачаа од клубот во кој членува и македонскиот репрезентативец Енис Барди.