Некогашниот ракометен репрезентативец на Австралија, Калум Мунси направи преседан во спортот. Тој ќе биде првиот човек кој играл на Светско првенство за мажи, а потоа и за жени. Калум настапи за Австралија на Мундијалот во 2013 година, а потоа во 2016 година го смени полот и стана жена. Сега се вика Хана Мунси.
Хана се двои на теренот во однос на останатите ракометарки. Има 188 сантиметри и повеќе од 100 килограми. Во женскиот ракомет се вклучи во април оваа година.
„Секогаш сум била посебна. Многу време поминував во теретана и сфатив дека спортот ми помага на различни начини. Кога престанав да играм ракомет, целиот свет како да се сруши над мене. Затоа и решив да се вратам во спортот. Сега сум најсреќната жена на светот“, изјави Мунси.
Меѓународната ракометна федерација дала согласност Хана да биде дел од квалификациите за Светско првенство во 2019 година. На натпреварувањето во Кумамото, Австралија заврши на петото место, а Хана даде 23 гола и беше најдобра кај „кенгурите“.
Додека беше Калум, Хана Мунси за машката ракометна репрезентација одигра 22 меча. Дозвола за настап во женската репрезентација Хана доби откако нејзиното ниво на тестостерон е под пропишаната граница која е дадена од Меѓународниот олимписки комитет (10nmol/L). Претходно таа беше дел од едногодишна хормонска терапија.