Македонија го заврши настапот на Светското ракометно првенство во Вараждин на 15-тата позиција во конечното рангирање. На последниот меч загубивме од Франција со 32-25, но момците се задоволни и веруваат дека и во иднина ќе ја радуваат Македонија.
„Настапот на ова првенство беше голем предизвик за нас, со оглед на резултатите од претходните првенства. Мечот против Франција беше многу тежок, бидејќи тие речиси на секое првенство се борат за медал. Направивме добар исчекор за сите нас, како млади момци. Сакам да им честитам за играта и се надевам дека на следните натпреварувања ќе ја радуваме Македонија се повеќе и повеќе. Работиме напорно и се надевам дека секое наредно првенство ќе биде се подобро.“ – вели Томислав Јагуриновски после мечот со Франција.
Слично размислува и младиот пикер на нашата репрезентација, Марко Стојковиќ, кој вели дека има простор за напредок.
„Сите дадовме максимум. Има голема разлика од Франција со другите репрезентации, тоа сите го знаат. Имаме простор за напредок. Сите работиме максимално и треба да одиме само напред. Ова е големо искуство за нас. Има голема разлика од играта во нашето првенство и ова на Светското првенство. Можевме и подобро, немавме среќа, но го дадовме максимумот.“ – рече Стојковиќ.
Најсамокритичен беше Милан Лазаревски, кој не беше задоволен од она што го одигра тој на мечот против Франција, за разлика од претходните натпревари.
„И покрај тоа што неспорен е квалитетот на противничките ракометари, мислам дека не се претставивме во најдобро светло, иако имавме доста позитивни елементи. Имавме некои избрзани грешки, а дел од инструкциите кои ни беа дадени, не беа максимално испочитувани од наша страна. На крајот од денот имаме позитивни работи кои можеме да ги извлечеме од овој натпревар. Можеби резултатот е подобар од претходниот против Франција, но мислам дека не ни е толку силата, туку можеме да се покажеме и во многу подобро издание да се прикажеме. Жалам за моето денешно издание, секогаш може да биде подобро,. Денес не бев на потребното ниво. Сакам да им честитам на останатите ракометари, кои беа навистина добро. Не е толку лошо, но ќе извлечеме поука од овој натпревар.“ – вели Лазаревски после поразот од Франција.