Машката ракометна репрезентација забележа тесна, но заслужена победа од 29-27 против Јапонија во првиот пријателски натпревар во рамките на ЕХФ неделата.
Средбата се одигра во салата „Автокоманда“ во Скопје без присуство на публика, во контролирана атмосфера, со цел селекторите Кирил Лазаров и Тони Херона да можат да ги тестираат различните тактички поставености и ротации во тимот. Македонските ракометари прикажаа висок ангажман и борбеност, особено во второто полувреме кога успеаја да ја одржат предноста и да ја контролираат играта до самиот крај.
Лазаров им даде шанса на повеќе играчи да добијат минутажа, со цел да ја оцени нивната подготвеност пред претстојните предизвици.
Двете селекции ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, овојпат пред публика, на 1 ноември во Куманово со почеток од 16:00 часот. Овој дуел ќе биде одлична можност за домашните навивачи повторно да ја поддржат репрезентацијата и да ја почувствуваат атмосферата пред Европското првенство.
Пријателските средби со Јапонија се значаен дел од подготовките на македонската репрезентација за настапот на континенталниот собир кој ќе се одржи во јануари следната година во Данска, Шведска и Норвешка.

 
                                    