Македонската машка сениорска репрезентација денеска го имаше првиот собир пред бараж двомечот со Фарски острови за пласман на Светското првенство кое во јануари 2025 година ќе се игра во Хрватска, Данска и Норвешка.
Дуелите со Фараните ќе се одиграат на 8-ми на гости, и на 12-ти мај во Скопје.
Тимот на селекторот Кирил Лазаров ќе се комплетира в понеделник наутро, кога ќе се приклучат интернационалците Филип Талески и Никола Митревски кои викендов имаат обврски во португалската лига. За баражот ќе го нема крилото Ненад Костески кој е повреден, а дополнителен повик доби средниот бек Мартин Карапалевски.
„Фарски острови е сериозен противник, во подем се. Неколку години во континуитет остваруваат забележителни резултати и напредуваат. Анализите што ги направивме ни покажаа дека се константни во играта и во двата правца и дека во секој момент на теренот знаат што прават. Во Торшавн имаат мала сала која ќе биде полна и ќе треба и ментално да се спремиме. Јас верувам во нашите играчи, имаме млад и квалитетен тим што се подобрува како минува времето. Мораме сериозно да работиме во ова кратко време. Го почитуваме противникот, но се почитуваме и самите себеси. Ќе ги искористиме овие неколку тренинзи за што подобро да се спремиме“, изјави селекторот Лазаров, кој смета дека шансите за пласман на СП се 50-50.