13.8 C
Skopje
сабота, 11 октомври 2025

Ракометарите на Тиквеш убедливо поразени од Бешикташ

Ракометарите на Тиквеш доживеаја тежок пораз на гостувањето кај турскиот првак Бешикташ, губejќи со убедливи 31–20 во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот куп. Со овој резултат, кавадарчани речиси ги загубија шансите за пласман во следната рунда, иако ќе имаат и реванш на домашен терен.

Гостите од Кавадарци го отворија мечот охрабрувачки, по само три минути водеа со 2–1, но потоа нивната игра целосно се распадна. До крајот на првото полувреме успеаја да постигнат само уште еден гол, додека на спротивната страна голманот Матеј Ашанин беше непремостлива пречка. Хрватот блескаше меѓу стативите, потврдувајќи зошто некогаш Лино Червар го сметаше за еден од најперспективните млади голмани.

Ашанин имаше дури 70% успешност во првото полувреме, бранејќи речиси сè што одеше кон неговиот гол. Додека тој ги фрустрираше гостите, Бешикташ безмилосно ја казнуваше секоја грешка и на паузата замина со висока предност од 16–3.

Во вториот дел, домашниот состав само рутински го доврши започнатото. Разликата никогаш не падна под десет погодоци, иако Тиквеш одигра нешто подобро во завршницата и барем делумно го поправи впечатокот.

Со ваков исход, реваншот во Кавадарци следната сабота ќе има повеќе симболично значење, а македонскиот претставник ќе може целосно да се насочи кон обврските на домашна сцена.

Најефикасни кај Бешикташ беа Ханиоглу со осум и Бабачан со пет погодоци, додека Ашанин запиша 12 одбрани. Кај Тиквеш, најрасположени беа Коцев со пет и Христоски со четири гола.

- Оглас -

Најнови вести