Големото ракометно дерби помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер в среда, 1 октомври, во „Јане Сандански“ се очекува со нетрпение, а Црвено-црните, кои се лидери на табелата со еден бод повеќе од ривалот, преку социјалните мрежи повикаа на масовна посета.
Ракометарите на Вардар се фотографираа како Комити на трибина со навивачки реквизити.
„Вардарци, во среда се гледаме во сала! Два дена нè делат од големото дерби во кое покрај борбата на теренот ќе биде потребна и голема поддршка од трибините!
Песната на верните Комити и илјадниците Вардарци кои в среда ќе го обојат храмот на ракометот во црвено-црна боја ќе бидат нашиот најголем сојузник и нашиот најголем мотив во борбата за нова победа! Спремете ги шаловите и чувајте го гласот!
Во среда црвено-црната нека доминира!“, порачаа од клубот.
Инаку билетите, кои се по цена од 250 и 300 денари, се пуштени во продажба преку https://ticketx.com.mk/events/vardar-pelister, а може да се најдат и на билетарницата на салата секој работен ден од 10 до 18 часот.