Ракометарите победнички ги завршија квалификациите и ја оставија Турција без ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија со победа ги заврши квалификациите за пласман на Европското првенство кое идната година ќе се игра во Германија, откако во СЦ Борис Трајковски славеше над Турција со 30:27.

Со победата, Македонија го завери второто место во групата 1 и по осми пат ќе игра на Европските првенства, додека Турција извиси од настапот во Германија.

Голем пех за селекторот Кирил Лазаров беше повредата на еден од најискусните играчи, Филип Кузмановски, кој во првото полувреме на носилки беше изнесен од теренот.

Избраниците на селекторот Лазаров до победата дојдоа со финишот откако на 15 минути пред крајот имаше негатива од 20:24. Но со серија од 4:0 во која погодуваа Пешевски два пати и по еднаш Ѓоргиев и Јагуриновски, дојде до израмнување, а потоа со нова серија од 3:0 поведе со 27:25 на пет минути до крајот.

Во финишот следеше нова серија од три гола по ред со која на навивачите во СЦ Борис Трајковски им донесоа радост, која има мала горчина поради повредата на Кузмановски.

Жарко Пешевски и Марко Митев со по пет гола беа најпрецизни кај Македонија, Мартин Томовски блескаше со 15 одбрани и е најзаслужен за пресвртот во второто полувреме.

- Оглас -

Најнови вести