Ракометарите со победа тргнаа во 2024 година, совладана е Грција во генералната проба пред ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија славеше во првиот натпревар во Новата година, во СЦ „Борис Трајковски“ ја совлада Грција со 33:30.

Ова воедно е претпоследен натпревар за ракометарите пред настапот на Европското првенство во Германија кое започнува на 10-ти јануари. Последниот дуел ќе го играат утре, но тој ќе биде од затворен карактер со цел селекторите да работат на тактичките замисли.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, не го започнаа мечот според очекувањата, имаше доста грешки во нападот, а во одбраната им се оставаше преголем простор на Грците кои 20-тина минути го контролираа резултатот.

Но, како одминуваше времето, ракометарите играа се подобро, се ослободија целосно од грчот, и со голот на Кузмановски од цепелин во 27-та минута, Македонија за првпат поведе на мечот (14:13). Оттогаш се тргна на подобро, до крајот на полувремето предноста се зголеми на плус три (18:15).

Второто полувреме започна со серија од 3:0 на Македонија по што беше јасно кој ќе слави на крајот и единствена недоумица беше разликата со која ќе биде изразен триумфот. На крајот, Македонија победи со 33:30 на првиот меч во 2024 година иако предноста во еден момент беше и седум гола (26:19).

Најрасположени за игра беа Лазаревски со осум, Костески со шест, Филип Кузмановски со пет гола.

Ракометарите до осми јануари ќе се подготвуваат во Скопје, а потоа ќе патуваат за Дизелдорф, каде на 10 јануари ќе играат против Франција во првиот меч на Европското првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести