Ракометната репрезентација на Македонија вечерва го одработи тренингот на стадионот „Меркур Шпил арена“ во Дизелдорф каде утре ќе испише историја.
Стартот на Европското првенство ќе биде токму со дуелот на Македонија против Франција (18 часот) и ќе биде натпревар со најголема посетеност во историјата на ракометот.
Дуелот ќе се одигра на фудбалски стадион и организаторот денеска потврди дека се продадени сите 53.000 билети. Неполни три часа подоцна (20.45 часот), ќе игра и домаќинот на ЕП, Германија и тоа против Швајцарија.
Атмосферата е одлична кај ракометарите, тренингот го одработија со насмевки во очекување на утрешниот дуел со силната Франција која е апсолутен фаворит.
„Подготвени сме за тоа што не очекува на ЕП во Германија, а исто така сме свесни и за тежината на противниците“, вели пикерот кој одлично игра сезонава, Милан Лазаревски.