Ракометарките ќе играат на Европско првенство, успех или…?

Женската ракометна репрезентација на Македонија во декември ќе игра на Европско првенство и на девојките треба да им се честита за пласманот меѓу 24-те најдобри во Европа.

Македонија и во женска конкуренција фаќа континуитет на европските првенства, ова е трето по ред на кое ќе бидеме учесници. Важно е да се учествува, макар и да се загубат сите мечеви таму, нешто што се чини дека е реалност.

Откако девојките прославија ново учество на ЕП, по социјалните мрежи има (не)очекувано многу негативни реакции. Оправдани или не, ги има.

Се напаѓаат селекторот, ракометарките, се поставуваат прашања дали треба да играме на Европско како туристи, дали заслужуваме ЕП со оглед на поразите во квалификациите.

Само една победа над Белгија и нешто потесни порази во однос на некои третопласирани селекции, ни беа доволни да се најдеме на континенталниот собир. Такви се правилата, чесно се пласиравме на завршницата. Се чини дека и очекувањата на јавноста секогаш се преголеми, слично како кај мажите кои истотака немаат големи успеси на ЕП последните години, но секогаш се таму и имаат поддршка од Фалангата.

Ждрепката е наскоро, Македонија со кого и да падне ќе биде аутсајдер, и веројатно пак ќе биде собирање искуство, и борба за што потесни порази. За да не биде така, потребно ќе биде сите најдобри ракометарки што ги има Македонија да бидат повикани во тимот, и да се направат соодветни подготовки.

Што се однесува до она што ја интересираше фудбалската јавност во светот, викендов почна да станува јасно дека Барселона ќе биде првак во Шпанија, а Интер во Италија, а во англиската Премиер лига допрва ќе има борба за титулата, особено ако во претстојниот викенд Манчестер сити го победи Арсенал. На Топчиите може да им биде џабе што цело време водат, на моменти и со огромна предност, ако на крај продолжат да пропуштаат под притисок кога сите имаат големи очекувања од нив, и го зацврстат статусот на „вечно втори“.

- Оглас -

Најнови вести