Ракометарките со пораз од олимпискиот шампион го започнаа настапот на Европското првенство

Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот на Европското првенство што се игра во Словенија, Црна Гора и во нашата земја.

Избраничките на селекторот Савевски се поразени од еден од фаворитите за титулата и актуелен олимписки шампион, селекцијата на Франција со 14:24

Децениското отсуство од континенталните собири си го направи своето, ракометарките иако желни да се прикажат во најдобро светло пред домашните навивачи, грешеа во нападот и тоа го користеа Французинките да постигнуваат лесни голови, и тоа беше честа слика во првото полувреме.

Првиот гол на натпреварот, Македонија го постигна во 16-та минута преку Јована Кипријановска, а до крајот на првиот дел, даде пет гола.

Но, ниту Французинките не беа расположени за реализација, и во првото полувреме дадоа 12 гола. Голема заслуга за тоа има одличната игра во одбрана на Црвено-жолтите со која „командуваше“ голманката Јована Мицевска која имаше пет одбрани во првиот дел.

И второто полувреме започна слично, Македонија повторно неколку минути се „мачеше“ да постигне гол, најдобрата ракометарка Сара Ристовска дури не реализира и седмерец, а тоа го казнија противничките кои во 34-та минута дојдоа до двоцифрена предност (5:15).

Првиот гол во вториот дел, Македонија го постигна во 35-та минута за 6:15, а дилемите околу победникот беа решени. До крајот на средбата, искусните Французинки рутински ја одржуваа предноста и на крајот славеа со 14:24.

Најдобра во редовите на Македонија беше Моника Јаневска со четири гола, три дадоа Сара Ристовска и Јована Саздовска, додека Јована Мицевска имаше девет одбрани.

Во второто коло од групата Ц, Македонија в понеделник од 18 часот во СЦ Борис Трајковски ќе игра против селекцијата на Холандија.

- Оглас -

Најнови вести