Женската ракометна репрезентација со три порази во три меча го заврши настапот на Европското првенство, на кое Македонија е еден од коорганизаторите заедно со Словенија и Црна Гора.
Ракометарките во последниот трет меч во рамките на групата Ц загубија од Романија со 31:23, која го фати последниот воз за следната фаза.
Македонија во првото коло загуби од Франција со 14:24, а потоа и од Холандија со 15:30, а во последниот меч го одиграа најдобриот натпревар на кој постигнаа и најмногу голови на ЕП.
Дуелот со Романија, избраничките на селекторот Љубомир Савевски го започнаа на идентичен начин како и на претходните два меча, не го реализираа првиот напад и потоа постојано го бркаа водството на Романките, за кои блескаше Кристина Неагу со 10 гола.
Во 11-тата минута со голот на Саздовска, Македонија го израмни резултатот, а потоа доаѓаше и со 5:5, 7:7 и 8:8. Романките со головите на Бучески, Танасие и Остасе направија мини-серија од 0:3 за 8:11, но до крајот на првиот дел, избраничките на Савевски успеаја да се вратат во игра и на одмор да заминат со минус еден, 12:13.
Второто полувреме започна со три гола во серија на Романија, со која ја најавија победата. Ракометарките најмногу што успеаја да направат до крајот беше да дојдат до минус три во 40-тата минута (17:20), но немаа сили за нешто повеќе. До крајот, Романките предводени од Неагу, успеаја да ја зголемат предноста и на крајот да слават со високи 23:31.
Сања Дабевска со седум гола и Симона Маџовска со пет беа најпрецизни во нашата репрезентациа, а по три дадоа Сара Ристовска и Јована Саздовска. Кај Романија, Кристина Неагу даде 10 гола.