Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер вечерва, од 20:45 часот, на свој терен во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе биде домаќин на актуелниот европски шампион Магдебург. Ова ќе биде меч од деветтото коло во Лигата на шампионите, а јасно е дека гостите се огромни фаворити за победа.

Магдебург има перфектен биланс со осум победи сезонава и очекувано е лидер на табелата. Пред еден месец Пелистер гостуваше во Германија и загуби убедливо со 10 разлика (36:26), но тренерот на битолчани, Рубен Гарабаја, верува дека Пелистер во Битола може да даде поголем отпор.
„Не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа, сега го имаме комплетниот ростер, не бевме во нашиот најдобар момент кога игравме во Германија. Мора да бидеме внимателни на нивниот контранапад и брзата игра. Постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен. Нашите навивачи ни даваат голема поддршка“, вели Гарабаја.


