Навидум обичен првенствен натпревар во Босна и Херцеговина се претвори во вистинска трагедија. Во Зеница играа ракометните екипи на Челик и Искра од Бугојно, а по мечот на тренерот на гостите, Емир Караџа, му се слошило, по што починал.
Од екипата на Искра истакнуваат дека срцето на нивниот тренер не можело да ги издржи неправдите кои се случувале во Зеница, тенденциозното судење и трите црвени картони. Сепак, им се заблагодаруваат на домашните и на медицинскиот персонал за брзата интервенција.
„Во текот на мечот, судиската двојка во неколку наврати нѐ оштети, доделувајќи дури три црвени картони на нашите ракометари, кои можеа да бидат санкционирани и со поблага казна. Делегатот не реагираше на очигледните неправди и пропусти. Без оглед на се, нашите ракометари по натпреварот му честитаа на противникот за победата, покажувајќи спортско достоинство. Тренерот Емир Караџа, заедно со службениот претставник и делегатот, по натпреварот се повлекоа во еден ресторан за да состават службена жалба, не сакајќи да ги споменуваат и навивачките инциденти. Во тој момент им се доближиле судиите, иако ги замолил да ги остават додека не завршат со пишувањето на жалбата. Кратко потоа, на тренерот му се слоши надвор од ресторанот. И покрај бразата интервенција на Брзата помош и напорите на лекарите, срцето на нашиот Емир Караџа престана да чука. Срце на голем човек, тренер и спортист кој живееше за ракометот, за Искра и за своите играчи. Емир, за жал, си замина поради неправда – онаа против која со години се бориме. Бараме од надлежните да реагираат. Бараме фер однос кон сите, одговорност за судиите и заштита за оние кои го сакаат овој спорт. Бараме правда за нашиот Емир. Благодарност до играчите и раководството на Челик за поддршката, како и на екипата на Брзата помош и персоналот во болницата во Зеница, кои дадоа сè од себе за да го спасат нашиот Емир“, се вели во соопштението на ракометниот клуб Искра од Бугојно.