Квалификациите за пласман на ракометното Европско првенство во 2020 година почнаа лошо за дел од фаворитите. Репрезентациите на Црна Гора и на Србија ги разочараа своите навивачи откако не успеаа да стартуваат со победи.
За Црна Гора се веруваше дека треба само да излезе на терен и да ги освои бодовите во дуелот со Фарски Острови. Сепак, не беше така. Гостите започнаа многу добро, па по првите 30 минути, имаа неочекувано водство од дури пет гола (15:10). Црна Гора во вториот дел полека ја топеше предноста на противникот, но иако се очекуваше да стигне до предност, на крајот мораше да се задоволи само со нерешено (24:24).
Без победник заврши и дуелот во Зрењанин меѓу Србија и Белгија. На клупата на Србија официјално деби имаше селекторот Ненад Перуничиќ. Се очекуваше домаќините без поголеми проблеми да победат, но Белгија се покажа како незгоден ривал и во ниту еден момент не дозволи фаворитот да создаде поголема предност. На крајот, во неизвесна завршница, дуелот заврши 27:27.
Во останатите мечеви од квалификациите кои завршија досега: Чешка – Финска 31:27, Полска – Косово 37:13, Унгарија – Словачка 30:22, Русија – Италија 34:20, Германија – Израел 37:21.