На прес-конференција беше промовиран турнирот „Трофеј Македонија“ и најавен почетокот на Ракометниот караван 2025.
Овие два значајни спортски проекти имаат за цел да го подигнат ракометот на повисоко ниво, да ја зајакнат љубовта кон спортот кај најмладите генерации и да го доближат ракометот до сите љубители низ целата наша земја.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, генералниот секретар Влатко Тасевски и Филип Миркуловски кој е координатор на машките селекции, го објаснија значењето на овие настани.
Женската селекција од понеделникот е во Охрид и се подготвува за „Трофеј Македонија“.
„Овој турнир ќе се игра после повеќе од една деценија пауза. Ќе ни гостуваат реномирани тимови, Египет и Тунис, како и Грција. Се надеваме дека овие мечеви ќе бидат добра контрола за женската селекција пред двомечот со Словенија во октомври. Ракометниот караван го најавивме на почетокот на годината. На 20-ти септември во Охрид почнува, децата ќе се запознаат со овој спорт, за афирмација и популарност на ракометот. Во октомври во ЕХФ неделата караванот ќе продолжи во Прилеп, Битола и околните градови“, објасни првиот човек на РФМ, Стефанов.
„За првпат се прави ваков караван, целта е да поттикнеме деца да тренираат ракомет, кој е спорт број 1 во Македонија. Ова е супер идеја, ќе пробаме да ги опфатиме сите градови и што повеќе деца да почнат да тренираат ракомет“, рече Миркуловски.