Ракометот донесе две ЕП во 2024, во 2025 година сме подготвени за блесок на Светско првенство

Ракометот е најуспешниот македонски екипен спорт кој веќе традиционално ни носи пласмани на големите натпреварувања. Така беше и во 2024 година. На големата сцена се најдоа и машката и женската селекција.

Мажите беа дел од Европското првенство кое се играше во Германија. Во групата А очекувани беа високите порази од фаворизираните Франција (39:29) и домаќинот Германија (34:25). Во третото коло Македонија славеше над Швајцарија со 29:27, победа која многу значеше за да бидеме во носителите од баражот за пласман на СП 2025 година. На континенталниот собир, на крајот Франција стана шампион откако во финалето ја победи Данска со 33:31 по продолжение. Во борба за третото место, Шведска славеше над домаќинот Германија со 34:31. Македонија заврши на 17-тото место.

Следната мисија на машката репрезентација беше баражот против Фарски Острови, двомеч кој беше драматичен. На првиот меч на гости Македонија загуби со 34:27 и делуваше како невозможна мисија да се анулираат седумте гола во минус. Сепак, во реваншот, во „Борис Трајковски“, со феноменална игра Македонија славеше со 34:26 и обезбеди место на уште едно Светско првенство, кое ќе започне само за две недели во Хрватска. Ова е 17-то големо натпреварување за Македонија, а 14-то во низа.

Кај жените, настапот на Европското првенство беше во Унгарија, а Македонија губеше со по 10 разлика од домаќинот (29:19) и од Шведска (28:18), но одигра нерешено против Турција (26:26) и заврши на третото место во групата, односно на 18-тото место на крајот од турнирот на којшто учествуваа 24 селекции.

На клупски план, Еурофарм Пелистер ја одбрани шампионската титула, a Куп-трофејот замина во витрините на Алкалоид. За тимот од „Автокоманда“ тоа не беше единствената голема радост затоа што на почетокот од новата сезона Алкалоид се радуваше и во Суперкупот по победата над Пелистер. Некогашниот двократен европски првак Вардар остана со празни раце во 2024 година.

Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампионите и моментално е на шестото место во групата, со шанси да обезбеди место во осминафиналето. Вардар и Охрид ги завршија настапите во европските натпреварувања, а Алкалоид граби напред во Европскиот куп.

Кај жените, екипата на Ѓорче Петров на доминантен начин со 25 победи и само едно реми ја освои титулата, а доминираше и во Купот за нов пехар.

Црна точка во женскиот ракомет беше скандалот од Куп-мечот меѓу Скопје и Гевгелија, кога двете екипи не сакаа да победат, па почнаа да си даваат голови во сопствените мрежи. Тоа е само знак дека не е се сјајно во макракометот и дека треба уште многу работи да се подобрат.

 

- Оглас -

Најнови вести