Ракометот го има во „малиот прст“, има цела војска потенцијални репрезентативци, а сега предизвик му е да состави добитен тикет

Ракометот повторно е во фокусот на македонскиот спорт. Женската репрезентација втор пат во последните 18 години преку квалификации обезбеди учесто на Европско првенство (во овој период игравме уште два пати како домаќини во 2008 и 2022 година) и со мечот против Литванија в недела во Скопје треба да заокружиме еден позитивен циклус.

Како еден од најактивните на ракометното поле, човек кој секојдневно е со ракометната проблематика Горан Ѓоргоноски со задоволство прифати да биде гостин во рубриката „Хуманитарен тикет“, но и да се направи анализа за актуелните состојби во нашиот најуспешен тимски спорт.

ОВА Е УБАВ УСПЕХ, ПРВ ПАТ СО МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТАРКИ ОБЕЗБЕДИВМЕ МЕСТО НА ЕП

„Убав успех постигнаа ракометарките и убава сатисфакција за сите кои се вклучени во процесот. Овој пласман на ЕП доаѓа после период во кој практично и да немавме никакви резултати, за да го допреме дното и како што бива, потоа да стартува еден процес на издигнување. Сега успеавме за прв пат со македонски играчи да играме на едно големо натпреварување (а да не сме домаќини), што треба да нѐ радува, но и да биде поттик да дадеме повеќе внимание на женскиот ракомет во државата. Се надевам дека учеството на големиот настан ќе донесе до уште поголем интерес кај младата женска популација, кај која секако има интерес, но нема соодветно канализирање и истите се губат во системот. Ова е убав мотив за подигнување на условите во кои работат македонските ракометни клубови во женска конкуренција“, вели Ѓоргоноски.

ФАРСКИ ОСТРОВИ Е ТЕЖОК РИВАЛ, ПОСАКУВАМ ДА ЈА ПРОДОЛЖИМЕ ТРАДИЦИЈАТА ДА СМЕ ДЕЛ ОД ГОЛЕМИТЕ НАТПРЕВАРУВЊА

Поранешниот македонски репрезентативец кој како играч знае како е да се преставува репрезентативниот дрес на големи натпреварувања, се надева дека и машката репрезентација ќе го продолжи континуитетот на големите натпреварувања, иако Фарски Острови е селекција за респект.

„Имајќи предвид во кои клубови играат главните играчи на Фарски острови и во каква форма се, се плашам дека тие се благи фаворити. Но, подобро е така да ја поставиме работата, максимално сериозно да пристапиме, да одиграме на резултат на првиот меч, па на реваншот во Борис Трајковски, пред 7.000 Македонци да ја продолжиме традицијата настапи на големи смотри“, смета популарниот Ѓоргон, кој потенцира дека уште е рано да се анализира двомечот за пласман на СП, кој ќе биде следниот месец.

КРЕАТОР НА УСПЕШНИОТ ПРОЕКТ „РАКОМЕТ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ“ КОЈ ПОМОГНА НЕКОЛКУ СТОТИЦИ ДЕЦА ДА ГО ЗАСАКААТ ОВОЈ СПОРТ

Горан веќе подолг период е предводник на една одлична ракометна приказна која се нарекува „Ракомет за секое дете“. Околу 240 деца во моментов се дел од оваа ракометна школа во Скопје и Велес, која е поделена во три сегменти и тоа: Школа за ракомет ТОПКА, Јуниор куп што нуди турнирски систем на натпревари во мини ракомет за децата од школата и ракометниот камп 40Х20.

Токму ракометниот камп е посебно атрактивен за многу од децата кои се на возраст од 7 до 17 години и сакаат да бидат дел од шестдневните активности во Охрид, но место има за само најсреќните 70-80 дечиња.

„Од година во година расте интересот за учество на кампот каде освен деца од Македонија, оваа година ќе имаме деца и од Шведска, Шпанија, Србија, Турција. Покрај квалитетната работа, индивидуалниот пристап и работата во групи, врз основа на возраста кај децата, како дополнителен квалитет на самиот настан е и карактерот и посветеноста на тренерите, грижата и залагањето за време на кампот. Покрај ракометот има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно капење“ открива Ѓоргоноски за тоа кои се главните активности за време на кампот, на кој учествуваат и голем број на поранешни репрезентативци кои имале големи кариери и сега го пренесуваат своето искуство.

МОРА ДА СЕ СМЕНИ СИСТЕМОТ АКО САКАМЕ ДА ИМАМЕ НОВИ ДОБРИ ГЕНЕРАЦИИ

Според Ѓоргон, во македонскиот ракомет мора да се смени праксата децата да чекаат до 14 години за да почнат да играат натпревари, кога всушност и започнува пионерската лига во организација на РФМ.

„Децата започнуваат да тренираа од 7-8 години, но лошо е тоа што неколку години остануваат само на тренинзи без натпреварувачки дел. Дури кога ќе наполнат 13-14 години влегуваат во пионерската лига, а тоа е долг период, па добар дел од нив го губат интересот, затоа што едно е само да се тренира, а друго е и да се игра. Токму затоа ние го создадовме Јуниор купот, за да може децата да го почувствуваат натпреварувачкиот дух. Сепак, сосема поинаку би било да е како во фудбалот каде има У10, У11, У12 лиги“, потенцира Ѓоргоновски кој не го губи ентузијазмот и верува дека ситуацијата во младинските категории во ракометот ќе се сменат на подобро.

Спортскиот дух на некогашниот пикер го „тера“ да ги следи и другите спортови, секако фудбалот е веднаш зад ракометот. Експертот за ракомет се надева дека ќе состави добитен фудбалски тикет и тоа со мечеви од најатрактивните лиги во Европа.

- Оглас -

Најнови вести