Рамос барал помош за да ја освои „Златната топка“, ама џабе, таа пак заврши кај Меси

Серхио Рамос повеќе од една и пол деценија беше еден од главните фудбалери во Реал Мадрид и вистински лидер во освојување на многуте трофеи. Сепак, Рамос никогаш не успеа да стигне до најпрестижното индивидуално постигнување, а тоа е Златната топка.

Рамос почувствувал дека во 2019 година може да стигне до Златната топка, па решил да агитира и да бара помош за да стигне до наградата. Шпанските медиуми открија аудио снимка на која Рамос го моли претседателот на шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес да му помогне да ја освои Златната топка.

„Руби добровечер. Се надевам дека си добро и сите членови на вашето семејство. Знаеш дека никогаш не сум барал ништо, но сега е моментот, затоа што мислам дека оваа сезона дадов посебен придонес. Би сакал да ми помогнете колку може повеќе и да кажете неколку зборови за тоа на состаноците на УЕФА и да ја искористите мрежата за контакти, како би можел да ја освојам Златната топка. Ќе ви бидам благодарен до крајот на животот, не само поради мене, туку и затоа што верувам дека шпанскиот фудбал ја заслужува оваа награда“, била пораката на Рамос.

Рубиалес во одговорот вели дека ќе се обиде да му помогне.

„Здраво Серхио. Пред се сакам да ти честитам на одличните игри оваа сезона. Ти посакувам успех и во завршната фаза од Лигата на шампиони. Секако, не сум јас тој кој одлучува за победникот на Златната топка, но ќе направам се што е во моја моќ“, гласи пораката на првиот човек на шпанската фудбалска федерација.

Потоа следел нов одговор на Рамос.

„Знам дека не зависи од вас, но мрежата на контакти е важен фактор, затоа што да не заборавиме има и ФИФА награда. Тоа исто така е важна награда. Верувам во вашата помош. Сигурно ќе се видиме и заедно ќе ручаме“, е последната порака на Рамос во оваа конверзација при обидот да стигне до Златната топка.

Таа 2019 година Златната топка заврши во рацете на Лионел Меси. Аргентинецот е рекордер со дури седум освоени Златни топки, додека Рамос остана само со желба да стигне до најпрестижното индивидуално признание.

- Оглас -

Најнови вести