Капитенот на фудбалската „црвена фурија“, Серхио Рамос, се изедначи со голманот Икер Касилјас по бројот на одиграни мечеви во дресот на шпанската репрезентација, но целта му е оваа бројка од 167 настапи да ја зголеми за уште барем 33 и да стане првиот во историјата на фудбалот со 200 настапи за селекцијата.
Мисијата на Рамос е реална, тој има 33 години, а игра на позиција на која може да ихгра уште долго и има многу ветерани, па легендата на Реал Мадрид и на шпанскиот фудбал со право може да се надева дека ќе дојде на бројка од 200 меча за националниот тим.
„Рекордите постојат за да се подобруваат. Се надевам дека селекторите ќе ми веруваат и ќе стигнам до 200 натпревари за мојата земја. Тоа ми е целта, и така да им ја отежнам задачата на сите кои ќе се обидат да ми го стигнат тој рекорд. Имав среќа да дебитирам млад, а и Икер Касилјас ми честиташе“ – рече Рамос кој во октомври против Норвешка ќе го надмине својот некогашен клупски и репрезентативен колега.
Од европските фудбалери, пред Рамос е само Џанлуиџи Буфон со 176 меча за Италија. Светски рекордер е Ахмед Хасан кој имаше 184 меча за Египет.