Реал Мадрид од синоќа го има приматот фудбалски првак во Шпанија откако Кралскиот клуб со 2:1 славеше против Вилјареал. Покрај победата и титулата, дуелот против Жолтата подморница го одбележа пеналот кој го доби Реал во второто полувреме.
Рамос ја намести топката на белата точка, но капитенот наместо да шутира реши да асистира на Карим Бензема кој втрча од позадина. Бензема даде гол, но судијата го поништи, затоа што Французинот предвреме влезе во шеснаесетникот.
Начинот на кој Рамос и Бензема сакаа да погодат всушност е повторување на легендарното изведување на пеналот на играчите на Ајакс од далечната 1982 година. Јохан Кројф, еден од најдобрите фудбалери во историјата, направи перфекција за тоа како може да се изведе пенал и да се постигне гол на празна мрежа.
https://twitter.com/i/status/938388020193095680
Малкумина се тие кои успеале да го копираат овој начин на изведување пенали. Освен Рамос и Бензема, се памти неуспешниот обид на ѕвездите на Арсенал од пред 10-тина години. Тјери Анри и Роберт Пирес сакаа да го копираат Кројф, но тоа беше еден од најсмешните изведени пенали во историјата.
Сега Рамос и Бензема ѝ се приклучија на групата на оние кои неуспешно го имитираа Кројф.
Меѓу ретките кои успеале да го повторат пеналот на Кројф се Лионел Меси и Луис Суарес во дресот на Барселона.