Рамос откри што мисли за Меси, но и како да се сопре Барселона во Ел Класико

Серхио Рамос и Лионел Меси се противници кои една и пол деценија „војуваат“ во мечеви од шпанското Ел Класико. Рамос со капитенската лента кај Реал, а Аргентинецот како предводник на каталонскиот гигант, утревечер повторно ќе се сретнат во новиот предизвик меѓу двата најтрофејни шпански клуба.

Реал ќе ја има предноста на домашен терен, мечот се игра на „Сантијаго Бернабеу“, но Барселона е со предност на табелата во Примера. Актуелниот првак има 55 бодови, два повеќе од вечниот ривал, што значи дека влогот на утрешната средба е многу голем. Сите знаат дека доколку Реал сака да има успех во овој меч, најважна работа е да се сопре Меси, а Рамос со почит зборуваше за играчот против кого имал многу дуели.

„Мислам дека Меси е еден од најдобрите играчи во историјата и имам огромно почитување кон него. Се надевам дека во недела нема да има свој ден, а тоа би значело дека ние добро сме ја завршиле работата. Ако покрај тоа, на крајот успееме да оствариме добар резултат, ќе биде уште подобро. Му посакувам се најдобро како професионалец, но се додека тоа не влијае негативно на нас!“, рече Рамос за Меси.

Капитенот на Реал даде свое мислење за тоа како треба да се игра за да се сопрат налетите на Барселона. Според дефанзивецот на Кралевите, најдобро е да се игра пресинг и да не им се дозволи на играчите на каталонскиот тим да имаат доминантен посед на топка.

„Толку многу пати сме играле против нив, така да знаеме што треба да направиме за да ги намачиме. Барселона е екипа која сака да го има поседот на топката. Се чувствуваат непријатно ако сакаш да им ја одземеш доминацијата врз топката. Тоа сите го знаат, не само ние во Реал. Да се игра со висок пресинг против нив е многу ризично, затоа што може да направат контра напад. Сепак, претходно се случуваше противниците премногу да ги респектираат и да им дозволуваат да доминираат со топката, потоа Барселона ќе направеше акција и со длабинска топка ќе направеше мат позиција. Мислам дека високиот пресинг е клучот за да се сопре Барселона. Да се обидеме да им ја одземеме топката и така да ги доведеме до непријатна ситуација. Секогаш постои ризик во таквиот стил на игра, затоа што тие имаат многу квалитетни играчи кои може да го решат Ел Класико. Сепак се надевам дека тоа нема да се случи, дека ќе ја задржиме концентрацијата во текот на целиот меч и ќе одиграме онака како што ние сакаме“, анализираше Рамос пред утрешниот меч.

Дуелот се игра утревечер во 21 часот, а според коефициентите во Sport Life, фаворитксата улога ја има токму тимот од Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести