Пеналите во Џеда одлучија Реал Мадрид да биде новиот освојувач на шпанскиот Суперкуп откако финалето против градскиот ривал Атлетико не можеше да се реши по 120 минути игра.
Во пенал-рулетот, Кралевите беа перфектни погодувајќи ги сите четири обиди, последниот го реализира капитенот Рамос. Шпанскиот стопер вели дека не планирал да шутира за победа туку сакал да биде четврти изведувач бидејќи е суеверен. Рамос откри дека сакал да изведе Паненка, но имал болки во глуждот.
„Не си правев математики во главата за да бидам тој што ќе го шутира одлучувачкиот пенал. Едноставно, така се погоди, а бидејќи сум суеверен, секогаш преферирам да бидам четврти во низа. Единствен план ми беше да шутирам Паненка, но глуждот не ми беше како што треба и се премислив“, истакна капитенот на Реал.