Рамос во Реал го чека иста судбина како и претходните капитени од новиот милениум?

Нема проблеми само во Барселона на релација капитен – клуб. Откако во претходниве две недели се зборуваше за расправијата на Лионел Меси со спортскито директор Ерик Абидал, а потоа во целата приказна се вклучи и претседателот на Барселона, Бартомеу, ситуацијата кај каталонскиот гигант полека се смири. Сега се запали „оган“ во редовите на Реал Мадрид.

Според мадридскиот „АС“, челниците на Реал Мадрид нема да имаат голема желба да му го продолжат договорот на капитенот Серхио Рамос, кој има уште 16 месеци важност. Засега нема никакви најави дека Реал сака да му го продолжи договорот на Рамос, кој уште е еден од главните не само на теренот, туку и надвор од него.

Дефанзивецот кој стана легенда на клубот, дојде на „Сантијаго Бернабеу“ во 2005 година, а досега трипати го продолжувал договорот. Првиот пат тоа беше во 2011 година, потоа во летото 2015 година и последен пат нова соработка потпиша во 2017 година, кога Манчестер јунајтед се обиде да го „украде“.

Рамос следната година ќе наполни 35 години, а сака да потпише нов двегодишен договор до 2023 година, но политиката на клубот е на ветераните да им се нуди едногодишна соработка.

„Без разлика на важноста и влијанието на Рамос на теренот и во соблекувалната, во клубот тешко дека ќе ја прифатат неговата идеја за нов двегодишен договор. По наполнување на 32 години, во Реал Мадрид на ветераните им нудат договори на една година. Најголем проблем ќе претставува финансискиот ферплеј на УЕФА, поради кој Реал Мадрид нема да може да прави луди работи и да плаќа по 14 милиони евра по сезона за играч кој веќе наполнил 35 години“, стои во анализата на „АС“.

Според традицијата, Реал Мадрид во новиот милениум има проблем да ги задржи капитените да се пензионираат на „Сантијаго Бернабеу“. Фернандо Jеро на 35 години замина во Ал-Сарјан, Раул на 33 години се пресели во Шалке, додека Икер Касилјас со 34 години направи трансфер во Порто. Останува да видиме дали ќе продолжи таа традиција и за Рамос, кој веќе една и пол деценија е во дресот на најтрофејниот шпански клуб.

 

- Оглас -

Најнови вести