Реал Мадрид стигна до драматична победа на гостувањето кај Селта во Виго, совладувајќи го домаќинот со 1-2 во натпревар од 27-то коло на Ла Лига.
На стадионот „Балаидос“ се одигра вистинска драма, бидејќи Кралскиот клуб во еден момент беше на чекор од кикс, но во самиот финиш успеа да стигне до три бода по низа среќни околности.
Првата закана на натпреварот ја имаше Винисиус јуниор, чиј удар донесе корнер за Реал. Токму по прекин во 11-тата минута гостите поведоа. По кратка комбинација со Арда Ѓулер, Чуамени шутираше од прва и ја погоди стативата, од каде топката се одби во мрежата на голманот Андреј Раду.
Селта брзо возврати и во 25-тата минута стигна до израмнување. Вили Сведберг избега по десната страна покрај Трент Александер-Арнолд и асистираше до Борха Иглесијас, кој беше прецизен во шеснаесетникот на Реал за 1-1.
Домаќините можеа и целосно да направат пресврт пред паузата, но ударот на Сведберг без поголеми проблеми го одбрани Тибо Куртоа.
Во второто полувреме Реал имаше иницијатива, но тешко создаваше вистински шанси. Селта се закануваше од контранапади, а во финишот легендата на клубот Јаго Аспас имаше одлична можност да го совлада Куртоа, но белгискиот голман го спаси стативата.
Како што често се случува во фудбалот, пропуштената шанса беше казнета. Реал тргна на сè или ништо, а во четвртата минута од судиското продолжение Федерико Валверде по одбиена топка од Маркос Алонсо со силен удар од дистанца ја испрати топката во мрежата за победа од 1-2.
Со овој триумф Реал Мадрид се доближи на само еден бод до лидерот Барселона, која има и натпревар помалку, додека Селта се наоѓа на шестото место со 40 освоени бодови.

