Клаудио Раниери потврди дека активно учествувал во изборот на својот наследник на клупата на Рома и откри дека името на новиот тренер веќе е познато, но не и за јавноста.
Италијанскиот стручњак, кој ќе се повлече од тренерската професија по завршувањето на сезоната во Серија А, со стил се збогува со фудбалот. Под негово водство Волчицата е без пораз на последните 19 натпревари во лигата, со биланс од 14 победи и пет ремија, враќајќи се во битката за Лигата на шампионите.
Во медиумите кружеа имиња на можни наследници, од Јирген Клоп, преку Сеск Фабрегас, па сѐ до Ерик тен Хаг. Но, Раниери категорично ги отфрли шпекулациите околу Клоп, а и неговиот агент Марк Косике веќе изјави дека „тоа не е точно“ и дека Германецот нема да ја преземе Рома.
„Ме повика брат ми и ми рече: ‘Барем на мене ќе ми кажеш? Сите ме прашуваат!’. Му одговорив: ‘Затоа баш не ти кажувам – за да не се прошири’. Истото му го кажав и на мојот пријател, пејачот Антонело Вендети. Ми рече: ‘Ама ако дојде во јули, нема да ги познава играчите’. Јас му велам: ‘Ќе му ги објаснам јас“, изјави Раниери за „Ла Република“.
Според Раниери, договорот со новиот тренер веќе е постигнат, а одлуката кога ќе се објави е во рацете на претседателот на клубот.
Очекувањата се дека новиот стратег ќе биде објавен најдоцна до 1 јули, за да добие време за подготовка пред новата сезона.