Тренерот на Рома, 73-годишнниот стручњак Клаудио Раниери се пошегува на сметка на пропуштените шанси на вчерашниот меч против Лече кој неговиот тим одвај го доби со 1-0 со гол на Артем Довбик во 80-та минута.
„После мечот им реков на играчите дека се обидуваат побрзо да ме одведат во гроб. Среќа што ги направив сите кардиолошки тестови“, изјави Раниери после седмата победа по ред на Џалоросите во Серија А.
Римјаните во оваа низа од седум победи, по шести пат триумфираа без примен гол, но прошуштија многу шанси, а еден гол им беше поништен.
„Не искористивме две големи шанси рано да дадеме голови, а беше потешка борба во второто полувреме, малку и остра, но најважно беше да победиме против екипа која се бори против испаѓање, што може да биде едно од најтешките натпревари во оваа фаза од сезоната“, анализираше Раниери.