По освоената титула во Премиер лигата со тимот на Лестер, Клаудио Раниери сега повторно се врати да работи во Англија. Италијанскиот стратег е назначен за нов тренер на Фулам и сега ќе има многу поразлична задача. Ќе треба да се обиде да го спаси лондонскиот тим од испаѓање. Фулам игра очајно и во досегашните 12 меча има само една победа и две нерешени средби.
Раниери ги предупреди сите дека тоа што го направи со Лестер е вистинска приказна и дека сега работата е многу посериозна.
„Мора да работиме цврсто. Тоа што се случи во Лестер е бонус, вистинска приказна. Мора да го заборавиме тоа. Сега не е време да мислиме на чуда. Имаме една задача. Сите треба да бидеме како едно. И играчите, фановите, клубот“, рече Раниери, кој сепак реши да „украде“ дел од тактиката да за стимулација на играчите, како што правеше во Лестер.
Италијанскиот стратег посебно е загрижен за играта во одбраната. Фулам досега е со убедлива најслаба одбрана и прими 31 погодок.
„Фулам прима многу голови. Јас сум Италијанец и сакам мрежата да остане незатресена. Се надевам дека во одбраната ќе играме многу подобро. Сега најважен е резултатот. Кога бев во Лестер за да ги мотивирам играчите им велев дека ако не примиме гол, ќе може да јадат пица. Тука може да биде ако не примиме гол, играчите да може да јадат МекДоналдс“, најави дел од тактиките новиот тренер на Фулам.