Искусниот Клаудио Раниери врши одлична работа како тренер на Рома. Тој успеа да ги смири тензиите во тимот по Даниеле де Роси и Иван Јуриќ, ја стабилизира екипата и ја донесе во позиција да се бори за место во европските купови – нешто што изгледаше невозможно кога пристигна.
Познато е дека Раниери ќе ја води Рома до крајот на сезоната, а потоа се очекува да премине на некоја од директорските позиции во клубот. Иако се зборуваше дека можеби ќе остане како тренер, тоа не изгледа реално.
Рома во тајност бара нов шеф на стручниот штаб, а според италијанските медиуми, како фаворит неодамна се појави долгогодишниот стратег на Аталанта, Џанпјеро Гасперини. Се споменуваат и имињата на Ерик тен Хаг, па дури и Карло Анчелоти, доколку ја напушти клупата на Реал Мадрид.
Раниери денес конечно проговори на оваа тема. Иако не откри име, тој даде навестување дека договорот е речиси постигнат.
„Многу сме блиску до договор со нов тренер“, изјави Раниери.
„Кога ќе го донесеме, јас ќе бидам советник, а не заштитник. Ако почувствувам дека не сум важен, ќе си заминам – тоа не е проблем. Во овој момент чувствувам дека сум во центарот на проектот и така и се однесувам. Блиску сме до решение. Кога ќе дојде новиот тренер, треба да му се дозволи да ја работи својата работа“, нагласи Раниери.
„Јас не одлучувам кој ќе биде новиот тренер – тоа го прават сопствениците. Јас само направив листа со кандидати“, заврши актуелниот стратег на Рома.