Барселона се врати на „Камп Ноу“ по 900 дена и тоа со убедлива победа против Атлетик Билбао од 4-0. Стадионот не беше исполнет до последното место поради затворени делови кои се уште се во изградба, а клубот на крајот објави дека натпреварот го следеле 45.157 гледачи.
Уште во петтата минута Барселона поведе. Одбраната на Алтетик Билбао беше збунета, а Роберт Левандовски го искористи тоа за првиот гол, додека голманот Симон не реагираше најдобро.
Интересен момент се случи во десеттата минута кога публиката скандираше: „Меси, Меси…“.
Следниот гол дојде на крајот од првото полувреме. Ламин Јамал извонредно проигра до Феран Торес, кој излезе еден на еден со Симон и рутински ја заврши акцијата.
Во почетокот на второто полувреме следуваше нов гол. Фермин Лопез се најде сам пред Симон, постигнувајќи трет погодок, за 3-0. Одбраната на Атлетик Билбао повторно реагираше катастрофално.
Кога Сансет доби директен црвен картон по интервенција на ВАР за груб старт, беше јасно дека победата е во рацете на Барселона, прашање беше само гол-разликата.
Во 61-та минута Дани Олмо имаше нова голема шанса, но Лапорт навреме успеа да се расчисти.
Конечно, во 89-та минута Феран Торес го постигна својот втор гол. Сè започна со магијата на Ламин Јамал, кој се ослободи од чувачите и му асистираше на Торес, кој го постигна својот деветти гол сезонава. Погодокот првично беше поништен, но по асистенција на ВАР беше признат бидејќи не било офсајд.

